Institute for Macedonian Language "KRSTE MISIRKOV"“
Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ е основан во 1953 год., со цел сестрано да го проучува македонскиот јазик, да ги поттикнува творечките потфати во таа област и да се грижи за усовршување на научните и на стручните работници во него. Основните насоки по кои би се одвивала дејноста на Институтот биле зацртани преку пет одделенија и тоа: одделение за историја на македонскиот јазик, одделение за современ македонски јазик, одделение за дијалектологија, одделение за лексикологија и лексикографија и одделение за ономастика, кои работеле врз долгорочни проекти: Речник на македонските црковнословенски текстови, Интенцијално-синтаксички речник на македонските глаголи, Толковен речник на македонскиот јазик, односно Речник на македонската народна поезија, Македонски дијалектен атлас и Речник на имињата на населени места, односно Речник на презимињата кај Македонците.
Почетоците на дејноста на Институтот се насочени кон прибирање и обработка на лексичка граѓа, што придонесува за издавање на тритомниот Речник на македонскиот јазик до 1966 год. и подготовка на Правописот на македонскиот литературен јазик до 1970 година. Во исто време се одвиваат и интензивните теренски истражувања, прибирање на дијалектолошки материјал како основа за изработка на Македонски дијалектен атлас и ономастички материјал, избор и ексцерпција на старите црковнословенски текстови како основа за Речникот на македонските црковнословенски текстови. Богатиот, макотрпно собиран картотечен фонд го претставува лексичкиот фонд на македонскиот јазик на историски и на современ план.
Издавачката дејност на Институтот е своевидно сведоштво за развојот на македонистичката научна мисла. Како резултат на долгогодишната работа, заснована врз богатиот картотечен материјал, собиран од повеќе генерации соработници се издадени значајни проекти како Интенцијално-синтаксичкиот речник на македонските глаголи во 6 томови, Речникот на презимињата на Македонците во два тома, Речникот на топонимите по сливот на Брегалница со Обратниот речник кон него, Речникот на македонската народна поезија во 4 томови, четирите тома на Толковниот речник на македонскиот јазик, потоа првиот том од Речникот на црковнословенскиот јазик од македонска редакција (и првите свески од вториот том).
И други проекти резултираат со посебни изданија: Лексиката на материјалната култура во македонските црковнословенски текстови, Речник на грчко-црковнословенски лексички паралели, Лексиката во поетските творби на Климент Охридски, Речникот на личните имиња во македонското народно творештво.
Издавачката дејност се реализира преку постојаните едиции: Стари текстови, Посебни изданија и Јазикот наш денешен.
Во првата, Стари текстови, досега се издадени 8 книги, монографски изданија на одделни ракописи работени врз принципот: анализа на текстот и потоа во прилог интегралниот текст (расчитан или фототипски).
Во едицијата Посебни изданија од 1960 год., се застапени теми што се однесуваат на историскојазични проблеми од најстариот период на развитокот на црковнословенскиот јазик, од современиот македонски јазик, од дијалектологијата, ономастиката. Досега се отпечатени 62 книги.
Најмлада, но не и помалку значајна е едицијата Јазикот наш денешен со 17 книги досега, меѓу кои се и зборниците од рефератите од научните собири во рамки на Деновите на Бл. Корубин со повеќе од двесте и педесет прилози.
Како органи на Институтот излегуваат списанијата Македонски јазик и Македонистика. Списанието Македонски јазик почна да излегува во 1950 год. како билтен на Катедрата за јужнословенски јазици на Филолошкиот факултет, а од 1954 год. како орган на Институтот. Последен е јубилејниот број 60 на списанието.
Списанието Македонистика излегува повремено од 1977 година, и во него се објавуваат пообемни македонистички трудови и граѓа од сите подрачја на македонистиката. Досега се излезени 10 броеви.
Изданијата на Институтот се помошна литература на нашите лекторати во странство, како и во дел од библиотеките во повеќе славистички центри.
Во Институтот денес продолжува работата врз трите долгорочни проекти. Толковниот речник на македонскиот јазик, како незаменлива основа за истражување на лексичкиот систем на македонскиот јазик. Речникот на црковнословенскиот јазик од македонска редакција, меѓународно координиран проект може преку дигитализацијата на средновековните ракописи да даде голем прилог во создавањето на стандардизиран електронски јазичен корпус како дел од идниот интернационален црковнословенски корпус. Работата врз Македонскиот дијалектен атлас го претставува лексичко богатство и диференцијалните особености на македонските дијалекти. Нови научноистражувачки проекти се: Македонските дијалекти надвор од границите на Република Македонија, Речникот на топонимите во Воденско, Речникот на антонимите во македонскиот јазик.
Институтот остварува соработка на научноистражувачки проекти со сродните институции, со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, со МАНУ, активно учествува и во работата, развојот и афирмацијата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура со вклучувањето во лекторската дејност, во предавањата, со активното учество на научните конференции и сл.
Соработката со Управата за заштита на културното наследство при Министерството за култура е во врска со конкретната заштита на јазикот како духовно културно наследство, на дијалектите на македонскиот јазик, како и на топонимијата на Република Македонија.
На планот на афирмацијата на македонскиот јазик, на литературата, на фолклорот и на националната историја, како најголеми национални вредности, Институтот реализира повеќе заеднички активности со преостанатите национални институти.