РЕЧНИК НА ТОПОНИМИТЕ ОД ВОДЕНСКО


Главен истражувач: д-р Елка Јачева-Улчар

Соработници: д-р Весна Миовска, д-р Мери Момировска (2010 -2014), д-р Марија Чичева-Алексиќ (надворешен соработник), м-р Милена Николовска (надворешен соработник)



Цел на проектот 

Целта на проектот е пред јавноста да се прикажат резултатите од истражувањата во областа на македонската топономастика и да се даде приказ на состојбата со словенските топоними надвор од границите на нашава држава, односно во Егејска Македонија, Р Грција. Со проектот се обработени околу 2000 топоними од Воденската Област што ги опфаќа селата во Воденско: Жерви, Кронцелево, Луковец, Пот, Црковени, Почеп, Саракиново, Црнешево, Тресино, Влкојаново, Острово, Јаворине, Чеган, Пожарско, Родево, Свети Илија, Струпино и др.; од Мегленско, селата: Бериславци, Струпино, Ошин, Лугунци, Бизово, Цакони, Љумница и др.; и од Ениџевардарско, селата: Асарбегово, Постол, Радомир, Мандалово, Куфалово и др. Топонимите од Воденско се подредени по азбучен ред, а секој топоним е анализиран од етимолошки, генеалошки, семантички и структурен аспект. Од работата врз овој научен проект ќе биде издадена монографија под наслов „Речник на топонимите од Воденско“. Секоја речничка статија, покрај заглавниот топоним, содржи: податок за локацијата на топонимот, податок за тоа каков физиографски објект се именува со односниот топоним, податок за настанувањето и образувањето на топонимот од семантички и од структурен аспект. „Речникот на топонимите од Воденско“ се базира врз материјал што го поседува Картотеката при Одделението за ономастика во Институтот за македонски јазик. Овој материјал е собран од усни кажувања на наши бегалци од Егејска Македонија во 70-тите години на минатиот век, кои по сеќавање информирале за микротопонимите што биле во употреба на дефинираниот терен во периодот пред нивното раселување, што значи некаде во средината на 20 век. Ако го земеме ова предвид, нашата монографија не ќе може да ја прикаже актуелната состојба, ами состојбата од нешто повеќе од пред половина век што на нашиот труд му дава белег на историчност и сведоштво повеќе за територијалното простирање на Македонците многу подлабоко зад денешната јужна граница на нашата држава.



Досегашни резултати

„Ојконимијата на Воденско, Егејска Македонија“, во Context / Контекст 10, Реферати на македонските слависти за XV меѓународен славистички конгрес во Минск, Белорусија, август 2013 година, изд. Институт за македонска литература, Скопје 2013, 215 ‒ 225

автор: д-р Елка Јачева-Улчар, научен советник 

Датум на започнување на проектот: 1.1.2009 година

Главен финансиер: Министерството за образование и наука

Носител на проектот: ЈНУ Институт за македонски јазик „Крсте Мисикров“ – Скопје при УКИМ<