Постдипломските студии Македонистика со комуникологија коишто од учебната 2011/2012 година се организираат во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ се студии со широка база на надградба не само на полето на истражувањата на македонскиот јазик и на историски и на современ план, туку и на полето на комуникологијата и на современите научни текови на мултидисциплинарен пристап на јазикот. Едногодишните студии Македонистика со комуникологија се отворени за упис на сите заинтересирани дипломирани студенти од хуманистичките науки коишто сакаат да го насочат своето понатамошно школување во правец на специјализација во областа на македонскиот јазик, но и во областа на комуникологијата како еден од основните предуслови за успех во работата во современото општество, а тоа е умешноста на владеење со најсовршеното средство за комуникација – јазикот.
Извештај за самоевалуација на институцијата и на студиските програми на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Скопје
Eвалуацијата претставува процена на квалитетот на високото образование, која опфаќа голем број експлицитни процедури за проценување на институциите за високо образование, кадарот во нив и студиските програми според кои се одвива наставниот процес и процесот на високообразовните установи. Методологијата за извршување на евалуацијата се одвива по правилата усвоени во рамките на ЕУ. Во Република Македонија евалуацијата е предвидена како обврска опишана во Законот за високо образование (Службен весник на РМ, 35/08, 103/08, 26/09, 83/09, 99/09, 115/10 и 17/11). Таму со оваа постапка е предвидено оценување на квалитетот на вршење на високообразовната дејност, управувањето, финансирањето, академските и други активности. Овој процес предвидува надворешна евалуација и самоевалуација. Самоевалуацијата е законска обврска на високообразовната институција. За исполнување на оваа обврска, а според член 77 од Законот за високо образование, член 315 од Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Оттаму произлегува и обврската на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ да ја следи оваа процедура и да изврши самоевалуација на постдипломските студии „Македонистика со комуникологија“ .